Муслиманите во регионот го одбележуваат Курбан Бајрам

Бајрамската хутба во име на поглаварот на ИВЗ, кој не беше присутен на свечената церемонија, ја прочита ученикот од Иса-беговата медреса во Скопје, Орхан Зендели

Муслиманите во регионот го одбележуваат Курбан Бајрам

Илјадници муслимански верници во Македонија, Албанија и Косово, клањаа Бајрам намаз по повод празникот Курбан Бајрам. Верниците се собраа во џамиите во Скопје, Тирана и Приштина, но и во другите градови во овие земји за Бајрам намаз.

Централната манифестација во Македонија се одржа во Мустафа Пашината Џамија во Скопје, каде што покрај големиот број верници и верски лица, присутни беа и владини министри, како и пратеници од Собранието.

Најпрвин граѓаните клањаа утринска молитва, по која следеше едночасовна програма во организација на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија, во која беше организирано читање на делови од Куранот и пеење илахии.

Бајрамската хутба во име на поглаварот на ИВЗ, кој не беше присутен на свечената церемонија, ја прочита ученикот од Иса-беговата медреса во Скопје, Орхан Зендели, кој испрати порака за мир и дарежливост.

„Посветеноста кон еден сирак, кон едно старо лице, кон една сиромашна мајка, кон еден ученик или студент кој има потреба, сето ова може да имаат вредност како курбанот, затоа, постојано вршете добри дела во име на Алах, бидејќи така секогаш ќе бидете под негова милост, и ќе бидете наградени на овој и на другиот свет“, беше пораката на поглаварот на ИВЗ. 

Исто така, и во другите џамии во Македонија муслиманските верници клањаа намазот по повод Курбан Бајрам, додека во текот на денот ќе колат курбан.

Муслиманските верници во Албанија намазот за Курбан Бајрам го клањаа за време на централната манифестација која се одржа во главниот град на оваа земја, Тирана.

Илјадници муслимани за намазот се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана.

Намазот на Курбан Бајрам се клањаше и во другите градови, каде што верниците беа дел од верските ритуали во џамиите низ земјата.

Пред клањање на намазот во Тирана се одржа церемонија со читање на делови од Куранот, како и предавање во врска со празникот.

Курбан Бајрам започнува со клањање на намазот во џамија, а потоа продолжува со колење курбани кои претставуваат симбол на овој празник, како и со посета на блиските и пријателите.

Во организација на Исламската верска заедница на Косово, централната манифестација за клањање на намазот за Курбан Бајрам се одржа во џамијата „Фатих Султан Мехмет“ во Приштина.

По клањање на намазот, хутбата ја прочита поглаварот на Исламската верска заедница на Косово, Наим Тернава, кој нагласи дека исламот се ангажира за универзалните човекови права, додека Курбан Бајрам претставува поука сама по себе.

Тернава нагласи дека Курбан Бајрам е празник по извршување на аџилакот, посетата на Ќаба и другите места, како и колењето курбан.

„Ова е празник којшто го потврдува божественото право на живот. Никому не му припаѓа неправедно да ја пролее крвта на друг“, рече тој.

Тој истакна дека за секое лице се свети неговата крв, богатството и неговото достоинство, и дека забранета е каматата. Тој се осврна и на правата на жените.

„Со жалење морам да кажам дека правата не жените продолжуваат да се нарушуваат во нашата земја на различни начини, лишувајќи ја нејзината слобода што ѝ ја дал Алах. Жените сè уште се лишени од наследството од имотот на нејзиниот татко, којшто Куранот го гарантира веќе 1.400 години. Курбан Бајрамот треба да ни служи како дополнителен мотив за оживување на овие права на жените“, нагласи тој.

Тој на крај, во име на Исламската верска заедница на Косово, сите нејзини институции, и во свое лично име упати честитки по повод Курбан Бајрам апелирајќи да се негува единството.

Курбан Бајрам беше одбележан и во Призрен, каде што по повод празникот, во Синан Пашината џамија, се собраа голем број верници.



Слични вести